Петте компании за животно осигурување во првиот квартал склучиле нови 14.000 договори, со кои животите си ги осигурале над 20.000 граѓани.
Од вложените 8 милиони евра во класичните осигурителни производи: ризико и осигурување со штедна компонента вложени се 6,3 милиони евра, а преостанатите се инвестирани во „јунит линкд“ осигурување.
Нови 20.000 граѓани си го осигурале животот во првите три месеци годинава, со што вкупниот број граѓани што имаат животно осигурување надмина 281.000. Тоа е 8 отсто повеќе осигурени лица во споредба со крајот на претходната година.
Во првите три месеци во осигурување живот граѓаните вложија 494 милиони денари (8 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).
Најмногубројни се вложувањата во таканареченото ризико-осигурување. Повеќе од 220.000 граѓани имаат ризико-осигурување и тоа е за речиси 20.000 осигуреници повеќе во споредба со крајот на 2021 година.
Минатата година беше рекордна од аспект на вкупните вложувања во осигурување живот, кои надминаа 2 милијарди денари (32,5 милиона евра), покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.